Новости

Корисни совети за купување на фреквентен регулатор

Корисни совети за купување на фреквентен регулатор

Не постои универзален модел што е применлив за сите апликации. Затоа ние од Хас Инженеринг сме тука да помогнеме, обезбедувајќи ги основните информации за да донесете добра одлука. Добар VFD ќе биде сигурен и лесен за ракување. Тој ќе заштеди пари за електрична енергија, поправки и замена на опрема. Колку повеќе знаете за тоа што и е потребно на вашата апликација од инверторот, толку е полесно да го изберете вистинскиот.

Фреквентните регулатори ја контролираат брзината на асинхроните индуктивни мотори со наизменична струја и често заштедуваат енергија, особено додека работат во апликации како пумпи и вентилатори. Инверторот ја менува електричната енергија од снабдувачот за прецизно да го вози моторот и да ја обезбеди вистинската брзина и вртежен момент за оптимална работа на системот. Инверторот ја диктира брзината и вртежниот момент на моторот со управување на односот меѓу фреквенцијата и напонот - најчесто наречен крива на волти/херци (V/Hz). Моторите без инвертерска контрола често дотрајуваат порано и трошат значително повеќе енергија отколку што реално е потребно за конкретната апликација. Ова е особено важно за апликации со променливо оптоварување или брзина. На пример, за да се одржи дефиниран проток во една пупмна станица, може да се користи VFD за автоматско забрзување или забавување на пумпата за да се задоволат непосредните барања на системот. Или кај мелниците на материјал или големите конусни дробилки, VFD може да се користи за зголемување на вртежниот момент кога се јавува поголемо оптоварување и е потребен поголем излез од моторот за кратко време.

Впарувањето на вистинскиот инвертор со постоечки мотор се базира на стандардни информации. Повеќето од основните информации за моторот и системот се наоѓаат на табличката со името на моторот.

- Моќност на мотор
- Номинална струја на мотор
- Напон на мотор
- Вртежи во минута
- Service фактор

Другите дополнителни информации ќе произлезат од конкретната природа на вашиот систем и апликација.

- Вид на оптоварување (Каква е апликацијата, односно какви се нејзините карактерисики за оптоварување)
- Опсег на брзина и метод на контрола (дали е потребен е протокол за комуникација со PLC, аналоген упраувачки сигнал од 4-20 mA, итн.)
- Посебни потреби за куќиште (каде ќе се монтира VFD, внатре/надвор/итн.)

КАРАКТЕРИСТИКИ НА ФРЕКВЕНТЕН РЕГУЛАТОР

Номинална струја на мотор
Процесот на одредување на големината на VFD започнува со номиналната работна струја на моторот. Споредете ја номиналната струја на вашиот мотор со номиналната излезна струја на инверторот што го земате во предвид. Или играјте безбедно и одберете инвертор со поголема номинална излезна струја отколку што бара вашиот мотор за да обезбедите резервен капацитет кај апликации со оптоварување со постојан вртежен момент (constant torque loads) и/или апликации за кои е потребна поголема снага при стартување. Ако не изберете доволно голем инвертор, тој ќе влегува во грешка/аларм секогаш кога ќе се обидете да го стартувате моторот.

Моќност (KW)
Товарот или моќноста на моторот е одличен начин да го стесните изборот при вашето пребарување на инвертери погодни за вашата апликација, но не треба да се користи како директна референца за барање на инвертер. Поради променливите барања за оптоварување, како што е RPM (мотор со 900rpm има многу различни барања за номинална струја отколку моторот со 3600rpm), димензионирањето на инвертер базирано само на KW веројатно ќе ве донесе до погрешен избор. Силно препорачуваме да користите KW за да го стесните изборот, но да користите номинална струја (FLA) за да го одредите вистинскиот VFD за вашиот мотор.

Напон и фази
Мора да го усогласите напонот на VFD и моторот со напонот достапен на вашата локацијата. За нисконапонски апликации во Македонија, ова е обично 220Vac монофазно и 380Vac трофазно. Инвертерите првенствено се користат во индустриски капацитети со трофазно напојување. Сепак, постојат и модели на VFD со монофазен влез за да можете да поврзете трифазен мотор на нивниот излез, во случај кога вашето доводно напојување е монофазно.

Апликација(константен или променлив вртежен момент)
Сега да ја разгледаме работата што ја извршувате. Дали треба да работите со пумпа, ротациона печка или екструдер? Одговорот ќе одреди дали ви треба инвертор со променлив или постојан вртежен момент.
Инверторите со променлив вртежен момент се наменети за едноставна центрифугална опрема како вентилатори и пумпи. Овие инвертори му овозможуваат на моторот да го испорача само вртежниот момент што е неопходен. Односно, како се зголемува брзината на моторот, така се зголемува и вртежниот момент и обратно. Центрифугалните апликации ретко ја надминуваат номиналната струја, така што на инверторите со променлив вртежен момент им е потребен само капацитет на струја на преоптоварување од 120% во времетраење од 1 минута.
Инверторите со постојан вртежен момент се неопходни за потешки апликации кои бараат константен вртежен момент при различни брзини како транспортери, пумпи со позитивно поместување, ударни преси и екструдери. Овде вртежниот момент не е фукнција од брзината. Како што се менува брзината, вртежниот момент останува константен, а моќноста се менува линеарно со брзината. Кај апликациите со константен вртежен момент, инверторот мора да испорача висок вртежен момент на старт (1,5 пати или повеќе од номиналниот) за да ги совладаат статичките триења и инерцијата на товарот. Затоа, на инверторите со постојан вртежен момент им треба најмалку 150% капацитет на струја на преоптоварување во времетраење од 1 минута за да се справат со пиковите на оптоварувањето.

Можеби мислите, ајде да играме безбедно и да купиме инвертор со постојан вртежен момент дури и за основна апликација со вентилатор. Иако тоа ќе функционира, сепак ќе платите поскап инвертор со карактеристики кои никогаш нема да се искористат.

Опсег на брзина
Инверторот може да го вози вашиот мотор пребавно. Тој може да го вози моторот толку бавно што неговиот внатрешен вентилатор за ладење не врти доволно брзо за да го лади моторот.
Треба да се преземат соодветни мерки на претпазливост за да се заштити вашиот мотор од прегревање, како што е употребата на дополнителен вентилатор за ладење, доколку планирате истиот бавно да го возите. Инверторот може да го вози вашиот мотор побрзо од неговата означена вредност на RPM. Сепак, имајте предвид дека со тоа ќе го изгубите на вртежен момент. Ви препорачуваме да не одите со повеќе од 20% над номиналната брзина на моторот и да се консултирате со производителот на моторот пред да го направите ова за да бидете сигурни дека преголемата брзина нема да го оштети моторот.

Метод на управување
Кога купувате инвертор, треба да размислите за вашиот начин на управување. Дали ќе го контролирате VFD од тастатура на врата или од PLC? Многу клиенти имаат потреба од Ethernet или RS485 комуникациja за размена на информации помеѓу инверторите, PLC уредите и остатокот од системите за автоматизација на производството. Некои од поефтините инвертори не ги поседуваат овие напредни комуникациски интерфејси. Затоа доколку сакате да го интегрирате вашиот инвертор во некој поголем систем во иднина, купете уред што поседува комуникациски интерфејс.

Задавање на референтна брзина
1. Потенциометар на брзина – му дозволува на операторот да ја постави брзината на моторот.
2. Тастатура за дигитално програмирање/приказ – Дозволува операторот да програмира и да решава проблеми на уредот со внесување вредности преку тастатура со LED или LCD дисплеј. Работата на инверторот може да се следи и преку овој дисплеј.
3. Аналоген влезен сигнал – 4-20mA или 0-10VDC
4. Избор на брзина преку гребен – овозможува операторот да избира од неколку претходно дефинирани брзини. Може да се користи и ако брзината се поставува преку PLC, а немате аналоген излез на располагање.
5. Сериска комуникација – Инверторот комуницира преку протоколи, како што се MODBUS, PROFIBUS, DEVICENET или METASYS, овозможувајќи координирање и следење на работата на уредот преку компјутер, PLC, SCADA.

Заштитен разводен ормар/куќиште за инверторот
Мора да се осигурате дека вашиот инвертор ќе функционира во неговата работна средина. Топлината, влагата, прашината и другите фактори може да ги оштетат вашите инвертори и може да предизвикаат дефекти на друга опрема. Овие дефекти може да повредат некого. Затворените ормари со соодветна вентилација овозможуваат инверторите да бидат чисти, да работат на соодветна температура и да работат долго време. Правилно затворени и одржувани инвертори може да работат во сурови средини повеќе од 30 години.

Доколку инверторот не е соодветно димензиониран, монтиран, поврзан, параметриран и заштитен, нема да работи правилно. Чести се примерите за погрешно поврзување на доводното напојување на излезот од инверторот што предизвикува непоправливо оштетување кај истиот. Оваа и многу други вообичаени грешки се полесни за правење отколку што мислите. Затоа, работете со квалификувани професионалци што успешно ќе ги интегираат инверторите во вашиот систем и ќе ги ублажат безбедносните ризици.

Хас Инженеринг нуди продажба како и професионална монтажа, параметрирање и пуштање во работа на фреквенти регулатори од брендот Делта Електроникс.